|
Александар Марјановиќ
Александар Марјановиќ е основач и главен извршен директор на Александрија, најстариот приватен образовен центар во Македонија, основан во 1993 година. Инспирацијата во својата работа тој ја црпе од некогаш најголемата библиотека во светот, големата кралска библиотека во Александрија која се смета за место каде било собрано целокупното човеково знаење. Неговата цел во работата е образовниот центар Александрија да стане синоним за знаење и едукација во Македонија, исто како што тоа била Александрија во стариот свет.
Својата кариера тој ја започнал во А1 телевизија како одговорен за тимот кој се грижел за изработка на компјутерски генерирани анимации, квизови, шпици, титлови, слајдови и се што се сметало за последен дострел во компјутерската графика во тоа време. Кон крајот на 1993 година заедно со уште 5 колеги од студентски денови со кои работел и во А1 телевизија, во изнајмен стан и со 6 стари компјутери ја основа Александрија. 3 години подоцна ја основа Александрија Маркетинг која во тоа време соработува со неколку телевизиски куќи на продукција на неколку емисии што му помага во зголемување на присутноста во телевизискиот етер.
10 години подоцна, во 2003 година, ја основа Академијата на Информациски Технологии Александрија, првата образовна установа во Македонија специјализирана за вокациско образование во областа на ИТ и применети уметности. Денес, Академијата на ИТ продуцира кадри за најбараните работни позиции: мрежни инженери, администратори и техничари, графички и веб дизајнери и тесно соработува со голем број организации.
Последното истражување на Стопанската Комора за ИКТ - МАСИТ покажа дека, според работодавците, Александрија е прворангирана приватна образовна установа и е доказ дека посветеноста во работата секогаш дава резултат.
|